Француските власти во петокот започнаа истрага за социјалната мрежа X поради наводи дека ги манипулирала своите алгоритми за да го олесни „странското мешање“.
Јавната обвинителка во Париз, Лоре Бекуо, потврди дека истрагата е отворена на 9 јули по жалбите поднесени во јануари 2025 година од француски парламентарец и висок функционер на јавна институција, пишува Анадолија.
Во жалбите се обвинува X за манипулирање со алгоритмот со цел странско мешање, како и за ширење омразна и расистичка политичка содржина со цел да се искриви демократската дебата во Франција.
Бекуо рече дека Националната жандармерија е задолжена за истрага на мрежата X како правен субјект, како и на лицата кои ја управуваат, без да го спомене нејзиниот сопственик, Илон Маск.