Околу 500 хектари површина изгореле во пожарот кој неколку дена беснееше во планинскиот регион на липковските села Лојане и Ваксинце.
Како што информираше Кире Михаилов, заменик генерален директор на ЈП „Македонски шуми“, пожарот е целосно локализиран.
– На еден ипол километар од границата со Србија пожарот е стопиран и целосно локализиран, веднаш над селото Лојане, изјави тој.
Директорот кој е веќе на терен информираше дека ќе се активира дрон за да се увиди дали има други жаришта, а екипите ќе останат и понатаму на терен.
– Пожарот изби во понеделник некаде кај рудникот во Лојане и за овие неколку дена за жал зафати површина од околу 500 хектари, но добро е што е површина со трева и слава деградирана шума. Има мал дел од вештачки борови култури внатре во зафатената површина, меѓутоа тоа е дел од околу 30 хектари. Како бројка и појава ова не е воопшто малку, но во однос на тоа што можеше да се случи е реално малку, изјави заменик директорот.
Како што додава, постоеше огромна можност пожарот да навлезе во борови култури и штетата да биде огромна.
Огнот поради непристапниот терен гореше со денови, а беше гаснат рачно само од вработени во ЈП „Македонски шуми“.
Никола Ивановски