Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун би можел да се соочи со истрага за воени злосторства во Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг поради поддршка на војната на Русија против Украина.
Ова го изјави шефот на тој суд, Сонг Санг Хјун.
Јужнокорејскиот адвокат објасни дека постои можност украинските власти, како жртва, да поднесат тужба против Северна Кореја до Меѓународниот кривичен суд.
„Иако би било идеално Украина да го поднесе случајот, МКС има и овластување да покрене независна истрага“, рече Сонг на меѓународна конференција во Сеул.
Тој рече дека случајот на Ким Џонг Ун сè уште не е упатен до МКС „и покрај кршењето на човековите права во Северна Кореја“, но дека сега „се исполнети законските стандарди за Украина да покрене постапка против него“.
„Време е Ким Џонг Ун да се изведе пред МКС“, рече Сонг, додавајќи дека воената помош на Пјонгјанг за Русија ѝ обезбедила на Украина законски стандарди за поднесување тужба против Северна Кореја, објави Јонхап.
Од крајот на минатата година, Северна Кореја распореди илјадници војници да се борат заедно со руските сили во војната, а Пјонгјанг и Москва официјално го потврдија распоредувањето на војници минатиот месец.
Во март 2023 година, МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин под сомнение за воени злосторства поврзани со војната на Русија против Украина.