ФБИ им нареди на своите агенти да го зголемат времето што го посветуваат на спроведување на законите за имиграција и да го намалат бројот на истраги за финансиски криминал, дознава Ројтерс од четири лица запознаени со ова прашање.
Во серија состаноци, на агентите им било кажано од нивните теренски канцеларии дека ќе мора да посветат околу една третина од своето време на помагање на администрацијата на Трамп во борбата против нелегалната имиграција.
Им било кажано дека истрагите за финансиски криминал, таканаречениот криминал од „бела јака“, ќе бидат ставени на втор план барем до крајот на 2025 година, велат извори кои сакале да останат анонимни.
Нови задачи
Портпаролката на ФБИ немаше непосреден коментар за новата директива.
Историски гледано, спроведувањето на законите за имиграција генерално не била примарна задача на безбедносните служби во рамките на Министерството за правда.
Но, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги засили мерките против имиграцијата, илјадници федерални службеници од различни агенции беа прераспоредени во последните месеци како службеници за имиграција, пренасочувајќи ги ресурсите од борбата против други видови криминал.