Данска објави дека ќе го повика вршителот на должноста амбасадор во американската амбасада во Копенхаген за да објасни за зголемувањето на американската разузнавачка активност во Гренланд, полуавтономната данска територија што ја посакува претседателот Доналд Трамп.
Министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен им изјави на новинарите дека Данска го прави ова како одговор на извештајот на „Њујорк Волстрит џурнал“ за шпионирањето.
Американскиот дневен весник објави дека неколку високи функционери, предводени од директорката на Националното разузнавање Тулси Габард, им наложиле на шефовите на разузнавањето да дознаат повеќе за движењето за независност на Гренланд и ставовите кон потенцијалните рударски активности од страна на американските фирми на најголемиот остров во светот.
Амбасадата на САД не одговори на барањето на „Асошиејтед прес“ за коментар дали вршителката на должноста амбасадор во Копенхаген, Џенифер Хол Годфри, ја примила поканата.
Министерството за надворешни работи на Данска, исто така, не даде коментар.
Министерот Расмусен, кој претходно ја критикуваше администрацијата на Трамп за нејзините критики кон сојузникот во НАТО, Данска, и претензии кон Гренланд, рече дека информациите во американскиот весник се „многу загрижувачки“ и дека „ние не шпионираме пријатели“.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, минатиот месец изјави дека изјавите на САД за богатиот со руда арктички остров се непочитувачки и дека „никогаш, ама баш никогаш нема да биде купен од никого“.
За време на посетата на островот минатиот месец, данската премиерка Мете Фредериксен, обраќајќи се до Соединетите Американски Држави, рече дека „друга земја не може да биде анектирана“, дури и кога американските претставници тврдеа дека меѓународната безбедност би била причина за тоа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, тврдејќи дека жителите на островот „не сакаат Гренланд да биде дел од Данска“, рече дека Вашингтон „ќе го почитува самоопределувањето на Гренланд“.