Лавров: На Словените им е забрането тоа што им е дозволено на Албанците

Сподели со своите пријатели

Од перспектива на Запад, Словените немаат право на самоопределување, за разлика од Албанците, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Loading...

Тој, споредувајќи ги состојбите во Косово и на Крим, рече дека Западот се спротивставува на референдумот на Крим, а го поддржува едностраното прогласување независност на српската покраина поради, како што рече, расизмот.

„Не, не можете, вие сте Словени, а кај нас се Албанци. Тоа се расистички работи… Ние веќе никому ништо не должиме, ќе се однесуваме како што сакаме“, изјави Лавров во интервју за Комерсант.

Тој рече дека во Косово немало референдум, туку дека претставникот на ОН, поранешниот претседател на Финска, Марти Ахтисари, само рекол дека „Косово е независно“, по налог на САД.

„Во Косово не се одржа референдум. Таму претставникот на ОН, поранешниот претседател на Финска, г-дин Ахтисари, кој беше вознемирен поради тоа, излезе и рече „Косово сега е независно“. Ни референдум, нема ништо. Американците му рекоа дека треба да го направи тоа – и тој го направи тоа“, рече Лавров.

Тој објасни дека во тој момент Западот целосно го игнорирал територијалниот интегритет на Југославија, иако немало никаква закана за албанското население во покраината.

„Тие целосно го игнорираа територијалниот интегритет на Југославија! Во времето на едностраното прогласување на независноста на Косово, немаше борбени операции на територијата околу тој дел на Србија и немаше закана за населението на Косово, кое наводно требаше да се спаси. Имаше резолуција која беше усвоена уште пред Косово да ја прогласи својата независност. Советот за безбедност на ОН одлучи таму да има српски полицајци, да стојат српски граничари на надворешната граница на Косово – но тие едноставно плукаа на тоа! И тргна по патот на отцепување“, рече Лавров.