Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јеол денеска ја напушти претседателската резиденција во Сеул и се врати во својот приватен дом, една недела откако Уставниот суд го смени од функцијата поради неговата неуспешна одлука да воведе воена состојба во декември.
Претходните денови беа забележани камиони во движење како влегуваат и излегуваат од резиденцијата во областа Ханам Донг, која беше центар на голема полициска операција во јануари, по што Јун беше приведен, објави Кјодо.
Тој беше ослободен од притвор во март, откако судот во Сеул го укина налогот за негово апсење.
Јун се соочува со кривична пријава за бунт.
Тој, заедно со неговата сопруга Ким Кон Хи и нивните 11 кучиња и мачки, се вратиле во нивниот стан на југот на Сеул.
На излегување од претседателскиот комплекс, Јун излезе од црно комбе и им мавташе на насобраните поддржувачи, се ракуваше и гушкајќи десетици од нив, пред да се врати во возилото и да го напушти местото, објави Кјодо.
Пред неговото пристигнување, десетици поддржувачи и противници се собраа пред неговата приватна резиденција, со силно полициско присуство.
Некои носеа транспаренти со пораки за поддршка како што се: „Ваша екселенцијо, ќе продолжиме да го следиме вашиот дух“, додека други бараа негова смртна казна.
Јун прогласи воена состојба во доцните вечерни часови на 3 декември, ветувајќи дека ќе ги искорени „антидржавните“ либерали кои ги обвини дека ја блокираат неговата политичка агенда со мнозинство во парламентот.
Тој го суспендираше парламентот и испрати стотици војници да го опколат Националното собрание, но пратениците сепак успеаја да формираат кворум и да ја укинат воената состојба само неколку часа подоцна.
Неговите овластувања беа суспендирани на 14 декември, кога Собранието го отповика, а Уставниот суд минатата недела ја потврди одлуката и формално го смени, со што го започна процесот за нови претседателски избори закажани за 3 јуни.
И покрај политичкиот пад, аналитичарите оценуваат дека Јун нема да исчезне од политичката сцена.
Бидејќи земјата влегува во изборна кампања, се очекува тој да се обиде да ги собере своите приврзаници и да го консолидира своето влијание во конзервативната Партија на Народната моќ, чие раководство главно го сочинуваат неговите лојалисти, посочуваат медиумите, пренесува Танјуг.