Либанскиот министер за одбрана Мишел Менаса и неговиот сириски колега Мурхаф Абу Касра постигнаа договор за прекин на огнот, објавија синоќа министерствата за одбрана на двете земји, откако во последните два дена во прекугранични судири загинаа 10 лица.
Министрите за одбрана на Либан и на Сирија, исто така, се согласија да продолжат со контактите меѓу воените разузнавачки агенции за да се спречи натамошно влошување на ситуацијата на границата, пренесе АП.
Во граничните судири загинаа тројца војници на новата сириска армија и седуммина Либанци, а либанското Министерство за здравство соопшти дека се повредени и 52 лица.
Планинската граница беше точка на удар во последните три месеци откако исламистичките бунтовници го соборија поранешниот сириски претседател Башар ал Асад, сојузник на Техеран и либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, и основаа свои институции и армија.
Во меѓувреме, либанскиот министер за надворешни работи Јусеф Раџи се состана со својот сириски колега Асад ал Шибани во Брисел за да разговараат за случувањата на границата и тие се согласија да одржуваат контакти.
Доцна во неделата, сириското Министерство за одбрана го обвини Хезболах за преминување на сириска територија и киднапирање и убиство на тројца членови на новата сириска армија.
Хезболах ги отфрли обвинувањата.
Либански безбедносен извор изјави за Ројтерс дека тројца сириски војници биле првите што преминале на либанска територија и биле убиени од вооружени племиња во североисточниот дел на Либан, кои мислеле дека нивниот град е нападнат.
Сириските трупи одговорија со бомбардирање на либанските погранични градови во текот на ноќта, соопштија сириското Министерство за одбрана и либанската армија.
Либанската армија вчера соопшти дека на сириските власти им ги предала телата на тројца убиени Сиријци и дека одговорила на оган од сириска територија, како и дека испратила засилување во пограничната област, пренесува Танјуг.