Претседателите на Соединетите Американски Држави (САД) и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски денеска во Белата куќа треба да потпишат договор за ретки минерали, на кој инсистира првиот човек на Америка за Киев да врати дел од помошта што Вашингтон му ја дал за одбрана од руската агресија.
Се уште не е позната точната вредност на договорот.
Трамп јавно ја спомна сумата од 500 милијарди долари, со која Зеленски, сепак, тогаш не се согласуваше, пренесува Гласот на Америка.
Двете страни го потпишуваат договорот веднаш по одбележувањето на третата годишнина од руската инвазија на Украина, како и напорите на американската администрација предводена од Трамп да стави крај на конфликтот меѓу двете земји, за кои тој тврди дека се на добар пат.
Трамп во четвртокот објави дека врз основа на договорот, САД ќе станат партнер на Украина во областа на ретки минерали, нафта и гас.
Деталите од договорот се уште не ѝ се познати на јавноста, но забележливо е несогласувањето на Трамп дека тој треба да вклучува посебни безбедносни гаранции, што ги очекува украинската страна.
Тој тврди дека гаранција е самиот договор.
Се проценува дека Украина, која беше нападната од Русија во февруари 2022 година, досега добила околу 430 милијарди долари глобална помош.
Американскиот претседател постојано тврдеше дека САД издвоиле 350 милијарди долари за Украина од почетокот на војната.
Сепак, според официјалните податоци, американскиот Конгрес одобрил помош за Украина во износ од 183 милијарди долари во последните три години, во текот на кои продолжила руската агресија врз Украина.
Украинската страна досега во врска со договорот обелодени дека планира да формира некаков инвестициски фонд кој би се користел за реконструкција од последиците од војната со Русија.
Беше прецизирано дека САД и Украина ќе управуваат со фондот под еднакви услови.
Придонесот на Украина би бил 50 отсто од приходите од минерални ресурси, нафта и гас.
Фондот потоа би ги инвестирал средствата во проекти на територијата на таа земја.