Палестинската милитантна група Хамас изрази подготвеност да ја предаде контролата врз Појасот Газа на палестинската национална управа, објави денеска Sky News Arabia, цитирајќи свои извори.
Скај њуз Арабија објави дека Хамас во писмо до Палестинската ослободителна организација (ПЛО) изрази подготвеност да го предаде Појасот Газа на палестинската управа и владиниот Комитет за управување со Газа.
Хамас наводно бара вработените во Појасот Газа да бидат повторно ангажирани од новата администрација или да бидат пензионирани со гаранција дека ќе им бидат исплатени заостанатите плати.
Извори на Sky News Arabia потврдија дека договорот на Хамас за предавање на контролата врз Појасот Газа следел по големиот притисок од Египет врз делегацијата на движењето за време на посетата на Каиро.
Во меѓувреме, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф потврди дека преговорите за втората фаза од прекинот на огнот во окупираната палестинска енклава и размената на израелски заложници за палестински затвореници ќе продолжат оваа недела, наведувајќи дека втората фаза од преговорите вклучува ослободување на сите преостанати израелски заложници кои се уште се живи.
Виткоф рече дека имал „многу позитивни и конструктивни“ телефонски разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и шефот на египетското разузнавање Хасан Рашад, објави Фокс њуз.
Веднаш по изјавите на Виткоф, кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека израелскиот безбедносен кабинет денеска ќе разговара за втората фаза од прекинот на огнот во окупираната палестинска енклава.
Нетанјаху одобри денеска делегација на израелски преговарачи да отпатува во Каиро на разговори, за по тој состанок делегацијата да добие дополнителни инструкции за втората фаза од прекинот на огнот, која треба трајно да стави крај на вооружените конфликти во Појасот Газа, пренесува Танјуг.