Силен дожд ја погоди Јужна Калифорнија, предизвикувајќи поплави, лизгање на земјиштето и сериозни сообраќајни несреќи, објави Ројтерс.
Во Малибу одрони однеле возило на противпожарната служба во Лос Анџелес, но пожарникарот кој бил во возилото успеал да излезе и се здобил со полесни повреди.
На места сообраќајот беше целосно блокиран поради насобраните слоеви кал и карпи.
Во северозападниот дел на САД, снежните и мразните услови предизвикаа големи сообраќајни несреќи на автопатите во Орегон и Вашингтон, при што беа повредени најмалку 10 лица.
Имаше верижни несреќи во Орегон, вклучително и судар во кој учествуваа повеќе од 100 возила, додека слични инциденти се забележани и во Вашингтон.
Метеоролозите во Калифорнија предупредуваат на можни поплави и лизгање на земјиштето во областите погодени од пожарите, како Алтадена и Малибу, поради уништувањето на вегетацијата која претходно помогна да се стабилизира тлото.
Дождот кој може да донесе и до 15 сантиметри врнежи во планинските предели, се очекува да продолжи да предизвикува сериозни проблеми во сообраќајот и да ја загрози безбедноста на тие места.
Во меѓувреме, североисточниот дел на САД е погоден од снежно невреме и замрзнат дожд, што предизвика затворање на училиштата и прекин на сообраќајот, јавува Танјуг.