Властите во Калифорнија издадоа предупредување за наплив на бура што се заканува да донесе обилни врнежи, силни ветрови и поплави во областите кои неодамна беа погодени од шумски пожари.
Поради тоа, на граѓаните им беа поделени вреќи со песок, распоредени се чамци за спасување, а на граѓаните им беше препорачано да подготват вреќи со најпотребните предмети, пренесува АП.
Во меѓувреме, градот Портланд им нареди на комуналните претпријатија да ги премачкаат улиците со 2.000 галони течен агенс за одмрзнување, додека официјалните лица во Орегон и Ајдахо отворија засолништа за итни случаи за да се подготват за предвидениот снег и мраз.
Во Јужна Калифорнија се предвидуваа околу 15 сантиметри дожд во планините и околу 7,6 сантиметри во крајбрежните области и долините.
Хидрологот на Националната метеоролошка служба Брент Бауер вели дека силните налети на ветерот може да соборат дрвја, да предизвикаат прекини во електричната енергија и да ги одложат летовите.
Издадено е предупредување за евакуација во кањонот Мандевил и другите области уништени од пожарот во Палисад, најразорниот пожар во историјата на Лос Анџелес.
Училиштата во Малибу, наводно, денеска ќе бидат затворени.
Дождот уследи по бурите кои донесоа обилни снежни врнежи и дожд во источниот дел на САД од Кентаки до Вашингтон, предизвикувајќи стотици сообраќајни несреќи, прекин на електричната енергија и зголемен ризик од поплави.
Околу 7.000 летови беа откажани или одложени низ САД во средата, вклучувајќи ги и летовите од аеродромите во Вашингтон.
Во Вирџинија, каде е прогласена вонредна состојба, полицијата во вторникот и средата пријавила околу 850 несреќи, во кои се повредени десетици луѓе, во Мериленд биле пријавени 235 несреќи, а во јужниот дел на Западна Вирџинија главните патишта биле привремено затворени поради сообраќајни несреќи.
Замрзнат дожд и снег се очекуваат во северозападниот дел на Орегон и југозападниот дел на Вашингтон, што може да предизвика прекин на електричната енергија, соопшти Националната метеоролошка служба.
Во Орегон е продолжена вонредната состојба и ќе бидат отворени шест засолништа за итни случаи.
Прогнозата за ледена бура за областа Портланд рано во четврток и петок може да ја наруши испораката на цвеќе и други подароци за Денот на вљубените.
Температурите се намалија претходно оваа недела во Портланд, кој е попознат по врнежите.