Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека „дефинитивно ќе биде корисно“ за Украина да го отповика указот на претседателот Володимир Зеленски за забрана на преговорите со Русија.
„Мислам дека секако би било корисно доколку Украина го укине законот кој им забранува на украинските лидери да преговараат со рускиот претседател Владимир Путин. Тоа би било од голема корист“, изјави Сијарто за РИА Новости.
Одговарајќи на прашање за одржување избори во Украина, унгарскиот министер за надворешни работи истакна дека е „сигурно во искушение“ да каже нешто за внатрешната политика во Украина, но, како што наведе, „коментирањето на внатрешната политика на другите земји е против неговата ДНК“, пренесува Танјуг.
„Да оставиме на Украинците да одлучат кога сакаат да изберат претседател“, нагласи Сијарто.
Тој исто така нагласи дека Будимпешта нашла решение за плаќање на рускиот гас, нафта и нуклеарно гориво под американските санкции кон Газпромбанк.
„Што се однесува до Газпромбанк, веќе најдовме решение со помош на нашите руски колеги, така што денес имам одлична регионална соработка со Србите, Бугарите, Турците и руските колеги, иако ситуацијата беше навистина тешка, но ако сите сакате да најдете решение, мора да го направите тоа, и ние го направивме.
Сијарто оцени дека санкциите се „разочарувачки чекор на поранешната американска администрација“, истакнувајќи дека претходните американски власти знаеле дека „некои од нивните сојузници ќе настрадаат“.