Анализата на човечки коски кои се пронајдени пред 50 години и потекнуваат од бронзеното доба, укажа дека луѓето на кои им припаѓале загинале во најкрвавиот масакр познат во британската праисторија, како и дека биле жртви на канибализам, објавија денеска британските медиуми.
Археолозите велат дека помеѓу 2200 и 2000 година п.н.е., најмалку 37 мажи, жени и деца биле убиени, а нивните тела биле фрлени во длабока јама во близина на Сомерсет, објави весникот Гардијан.
Првата опсежна научна студија за коските откако ги открија археолозите во 1970-тите, покажа дека телата на жртвите биле распарчени по насилна смрт и дека барем некои од нив биле изедени.
Водечкиот научник во студијата, професорот по праисториска археологија на Универзитетот во Оксфорд, Рик Шултинг, рече дека не е пронајден сличен пример на насилство во раното бронзено доба во Британија.
Тој додаде дека целокупните околности на овој масакр никогаш нема да бидат познати, но тој и неговите соработници веруваат дека сторителите имале намера да употребат насилство за да ја заплашат и предупредат пошироката заедница или ривалските групи.