Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска во Брисел го потврди ставот на Италија за оружјето што и се испорачува на Украина, а кое може да се користи „само на украинска територија“.
А портпаролот на германската влада рече дека Германија останува на својата одлука да не испорачува ракети со долг дострел на Украина, пренесува Ројтерс.
„Нашиот став за употребата на оружјето на Украина не се менува, тоа може да се користи само на украинска територија“, рече Тајани на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на Европската унија, пренесува Бета.
Изјавата доаѓа откако Вашингтон ја овласти Украина да ја нападне руската територија со проектили со долг дострел доставени од САД, што е голема стратешка промена околу два месеци пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Тие проектили со максимален дострел од неколку стотици километри би ѝ овозможиле на Украина да стигне до логистичките локации на руската армија и аеродромите од кои полетуваат нејзините бомбардери.
Тајани се заложи „за мировна конференција во присуство на Русите, Кинезите, Индијците и Бразилците“.
„Се надевам дека Пекинг може да одигра позитивна улога за да ја разбере Москва дека оваа бесмислена војна мора да се прекине. Секако, присуството на севернокорејски војници не е добар сигнал“, додаде Тајани.
„Одлуката на канцеларot останува непроменета“, изјави портпаролот на германската влада на редовната прес-конференција во Берлин, реагирајќи на одлуката на администрацијата на Бајден.
Германија е вториот најголем снабдувач на воена помош за Украина по САД, но Шолц се противи на опремување на Украина со германски ракети Таурус со долг дострел, стравувајќи од ескалација на конфликтот со Русија.