Министерот за внатрешни работи панче Тошковски денеска оствари официјална средба со својот српски колега Ивица Дачиќ во просториите на СВР Куманово.
На средбата, како што информираа двајцата, се разговарало на повеќе теми, но акцент бил ставен на илегалната миграција со која двете земји заеднички се борат.
Министерот Тошковски средбата ја опиша како продуктивна. Со неговиот колега Дачиќ, се одлучни дека ЕУ треба да помогне во борбата со илегалната миграција.
– Ни треба ли помош од ЕУ? – Апсолутно да. Помош е потребна во овој дел и ја добиваме. Слободно можам да кажам огромна благодарност до ФРОНТЕКС коишто се поставени на јужната граница и помагаат значително во рамки на сето она кое што значи работа на гранична полиција. Но, секогаш поддршката е добредојдена особено во делот на имплементација од аспект на технички решенија коишто ни се потребни и тоа како – ја добиваме, но секогаш би било подобро кога би имале што повеќе технички средства коишто би ни биле ставени на располагање, изјави Тошковски.
Српскиот министер Дачиќ рече дека илегалната миграција кај Македонија и Србија потекнува всушност од самата ЕУ.
– Кај нас мигрантите да доаѓаат од земји членки на ЕУ, Еу се жали дека доаѓаат од други земји, ние имаме специфична состојба кај нас да доаѓаат од ЕУ, која мора да ни помогне да го решиме прашањтто, кое е организиациско, логистко и финансиски, потребни се ни финансии за такво нешто за реализација на такви проекти, потребна ни е логистичка помош и опрема, изјави тој.
Со сличен став е и Тошковски, кој вели дека најголемиот број илегални мигранти во Македонија доаѓаат од Грција.
– Македонија исто како и Србија е дел од рутата на илегалната миграција. Ние сме транзит земја како што е и Србија и најголем дел од илегалните мигранти коишто влегуваат во Македонија се исто така од нашиот јужен сосед, односно од Република Грција. Така што тезата која што ја кажа мојот колега е за жал иста и со Македонија, односно и во Македонија илегалните мигранти влегуваат од земја членка на ЕУ, рече тој.
По средбата која траеше скоро еден час, двајцата министри со своите тимови заминаа на средба со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Никола Ивановски