Јавното обвинителство ќе истражува евентуална одговорност поради смртта на 31-годишната родилка од Куманово.
Таа ноќва починала на Одделението за гинекологија при Општа болница Куманово, а бебето е живо и пренесено на скопските клиники.
– Родилката е примена завчера, со прснат водењак, со почнато породување, со слаби контракции и е чекано да се добијат спонатни контракции по природен пат да продолжи породувањето. Чекано е до вчера, и вчера е почнато со стимулација, кога е почнато со стимулацијата нагло е настанат престанок на срцева работа, немерлив притисок, викнат е анестезиолог за реанимација, при обид за реанимација не е добиено срцева акција и притисок крвен, веднаш е внесено во сала за операции да се извади плодот, изјави Стефан Трајановски, директор на кумановската болница.
Бебето, како што рече Трајановски, е извадено живо и е итно однесено на Ургентен центар на Детската клиника во Скопје.
– Јас бев известен веднаш од страна на раководителот на одделот, по првичните информации и информативен разговор со дежурната екипа веднаш го изизвестив обвинителот, тој со истражна екипа пристапи на местото на настанот, детално е извршен увид, земени се изјави од сите што биле во контакт со родилката, додава директорот.
При породувањето имало присутни двајца дежурни лекари и анестезиолошка екипа.
Сега обвинителството треба да истражи евентуална одговорност или лекарска грешка.
– Покрената е од страна на обвинителството истрага, бидејќи е ова ненадејна смрт со неутврдена причина, покрената е истрага, ќе има обдуционен наод и ќе биде утврдено точно како и зошто е настаната оваа случка. Кога ќе ги добијам наодите на обдукциониот наод ќе има и такво нешто, постапката ќе оди на начин што ќе има и професионална одговорност ако биде утврдено лекарска грешка, од наши професионални организации, изјави Трајановски.
Според МВР, самиот директор во текот на ноќта го пријавил случајот, по што на терен излегле екипи на полицијата и Обвинителството.
Никола Ивановски