Во земјите на Европската унија во август се регистрирани 643.637 нови автомобили, што е за 18,3 отсто помалку во однос на истиот месец лани, соопшти денеска Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).
Ова е голема промена во однос на јули, кога на годишна основа е забележан раст на нови регистрации на патнички возила за 0,2 отсто.
Резултатите од август од главните европски пазари јасно укажуваат на пад на продажбата на автомобили во Германија за 27,8 отсто, Франција за 24,3 отсто, Италија за 13,4 отсто и Шпанија за 6,5 отсто на годишно ниво.
Во август се регистрирани најголем број нови возила на бензин со 33,1 отсто, потоа хибридно-електрични возила (HEV) 31,3 отсто, електрични возила со батерии (BEV) 14,4 отсто, дизел автомобили 11,2 отсто, пренесува Танјуг.
Бројот на регистрирани електрични возила со батерии во август е намален за 43,9 отсто на годишно ниво, на 92.627 автомобили.
Уделот на хибридно-електрични возила (HEVs) значително порасна од година во година, бидејќи беше 24 проценти во август 2023 година.
Ако ги анализираме податоците за првите осум месеци од 2024 година, ќе заклучиме дека бројот на нови регистрирани автомобили во Европската унија се зголемил за 1,4 отсто на годишно ниво на речиси 7,2 милиони возила, според ACEA на нејзината веб-страница.
Од јануари до август, во Европската унија се регистрирани 902.011 нови електрични возила на батерии, што претставува 12,6 отсто од пазарот.