Бројот на загинати и исчезнати лица порасна во централна Европа во текот на викендот по силните поплави што го погодија регионот, објави Асошиетед прес.
Шест лица загинаа во Романија, едно лице во Австрија и едно во Полска.
Чешката полиција соопшти дека едно лице загинало, а седум се водат за исчезнати во поплавите, пренесува Франс прес.
Неколку окрузи во Романија претрпеа големи поплави во текот на викендот.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изрази сочувство за зголемената загуба на животи во поплавите, нудејќи им поддршка на погодените земји-членки, вклучително Австрија, Чешка, Германија, Унгарија, Полска, Словачка и Романија.
„Поплавата веројатно ќе биде најлошата во регионот во повеќе од 20 години“, рече Клуге.
Тој додаде дека канцелариите на СЗО се во контакт со релевантните министерства и други институции за да дефинираат конкретни активности што може да се преземат за да се поддржат напорите за спасување и закрепнување – вклучително и специфични здравствени совети поврзани со поплави и одговор на ниво на заедницата.
„Катастрофата е уште еден потсетник за итната потреба земјите да соработуваат во борбата против климатската криза“, подвлече тој.
Романскиот претседател Клаус Јоханис исто така рече дека ефектите од климатските промени се „сè повеќе присутни на европскиот континент, со драматични последици“.