Сопственикот на платформата Икс, Илон Маск, денеска ја нарече австралиската левоцентристичка влада „фашисти“ поради предложената легислатива со која ќе се казнуваат компаниите за социјални медиуми кои не успеваат да спречат ширење на дезинформации на интернет.
Лабуристичката влада на Австралија вчера воведе закон со кој платформите ќе ги казни до пет отсто од нивниот глобален приход за овозможување ширење на дезинформации, пренесува Ројтерс.
Предложениот закон ќе бара од платформите да воспостават кодекси на однесување за да се запре ширењето на лажни вести.
Портпаролката на министерката за комуникации Мишел Роуланд во е-пошта рече дека компаниите кои работат во Австралија мора да ги почитуваат нејзините закони.
„Оваа легислатива ја подобрува транспарентноста и одговорноста на платформата за корисниците и австралискиот народ“, рече Роуланд.
Во претходен судир со австралиската влада, X ја оспори на суд во април наредбата на австралискиот сајбер регулатор да се отстранат некои објави за прободениот бискуп од Сиднеј, поради што премиерот Ентони Албанес го нарече Маск „арогантен милијардер“.
X ги блокираше австралиските корисници на платформата да гледаат објави за нападот врз епископот, но одби да ги отстрани глобално, тврдејќи дека правилата на една земја не треба да го контролираат интернетот.