Хамас денеска соопшти дека нема потреба од нов предлог за прекин на огнот во Газа и дека треба да се изврши притисок врз Израел да се согласи со американскиот план што палестинската група претходно го прифати.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави за новинарите во понеделникот дека очекува да го претстави конечниот предлог за договор до крајот на неделата, чија цел е да се надминат разликите меѓу Израел и Хамас, пишува „Тајмс оф Израел“.
Во соопштението Хамас го обвини премиерот Бенјамин Нетанјаху дека се обидува да го попречи договорот со инсистирање дека Израел нема да се повлече од коридорот Филаделфија на границата со Египет, пренесува Танјуг.
„Ве предупредуваме да не паднете во стапицата и триковите на Нетанјаху, бидејќи тој ги користи преговорите за да ја прошири агресијата врз нашиот народ“, се вели во соопштението и се додава дека Хамас го прифатил американскиот предлог на 2 јули.
Тој предлог повлекува етапно спроведување на договорот за прекин на огнот, размена на израелски заложници и палестински затвореници, како и целосно повлекување на израелските трупи од енклавата, додека Нетанјаху инсистира на израелско присуство во Газа до понатамошно известување.