Искинати жици, кров на зграда и два одрони се билансот по вчерашното невреме кое го зафати регионот на Куманово и околината.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, граѓаните пријавиле паднати жици на неколку локации, додека на улицата „Тоде Думба“ паднал дел од кров на зграда како резултат на силниот ветер.
Освен што повеќе локации во градот беа без електрично напојување имало и два одрони, едниот на патот Слупчане – Белановце, а вториот во селото Старо Нагоричане кај месноста Трафин.
Инаку регионот на кумановско вчера беше зафатен од интензивно невреме со пороен дожд, силни електрични празнења и засилен ветер.
Според УХМР, во текот на изминатото деноноќие наврнале 32 литри дожд на метар квадратен.
Според најавите услови за нестабилност со дожд и грмежи во Куманово ќе има и денеска, за што се издадени два жолти метео аларми.
Никола Ивановски