Археолог пронашол остатоци од римски затвор во Коринт, стар околу 1.600 години

Сподели со своите пријатели

Археологот Метју Ларсен пронашол остатоци од римски затвор стар повеќе од 1.600 години во Коринт, Грција, еден од ретките затвори идентификувани од римскиот свет.

Loading...

Историските записи покажуваат дека „затвори мора да постоеле во речиси секој римски град, барем во оние што имале форум“, напиша во списанието Хеспериа Метју Ларсен, археолог и вонреден професор по Новиот завет на Универзитетот во Копенхаген.

„Меѓутоа, археолошките остатоци од затворите се покажаа како исклучително тешко да се идентификуваат. Доказите за тоа како требало да изгледа римскиот затвор или каде требало да биде, се оскудни“, истакна тој, објави Live Science.

Затворот датира од пред околу 1.600 години, кога Римската империја ја контролирала областа и многу луѓе таму го прифатиле христијанството.

Ларсен го идентификувал затворот со испитување на локацијата, графитите и записите од ископувањето во 1901 година.

Важен дел од идентификувањето на затворот биле графитите на подот на локацијата, каде биле пронајдени молби, напишани на грчки јазик, како „Нека надвладее среќата на оние што страдаат во ова беззаконско место. Господи, немај милост за еден кој не фрли овде“.

Подот има пукнатини и не е јасно дали затворот некогаш бил на друга локација и дали неговиот под бил повторно користен на ова место.

Ларсен открил дека сите графити се напишани во границите на пукнатините.

Loading...

Ова сугерира дека во времето кога биле поставени подните облоги веќе имало пукнатини и дека затворениците пишувале петиции внатре во пукнатините, со што ја поддржуваат идејата дека местото е затвор.

Покрај тоа, Ларсен забележал остатоци од „олпаи“ (бокали) и светилки во источниот премин на затворот, кои обезбедувале вода и малку светлина на затворениците.

Имаше и докази дека во една од затворските ќелии имало мал тоалет, кој можеби го користеле затвореници или чувари, рече Ларсен, додавајќи дека условите за затворениците биле ужасни.

Од графитите напишани од затворениците, „добивате чувство дека се во многу мрачен простор и никој не може да ги слушне“, изјави Ларсен за Live Science.

Еден натпис сугерира дека група затвореници ја поминале целата зима во затворот.

„Боже, вратете ја (казната што ја даде) Маринос, тој што нè фрли овде и не натера да презимуваме овде“, стои во еден натпис.

„Ова веројатно беше неверојатно студено место во зима“, рече Ларсен.

Неколку натписи содржат приказ на табли за игри, што укажува на тоа дека затворениците можеби играле некакви игри за да го поминат времето.

Loading...

Некои од графитите содржат молби за ослободување на затворениците.

„Господи Боже и чиста правда, откупи двајца браќа од ова место. Христе, чувај ги Будис и Јован…“, стои во молбата.

Еден натпис алудира на љубовници во затвор.

„Богатството на убави девојки кои сакаат невенчани мажи преовладува“, стои во описот.

Во многу натписи, пак, се бара одмазда за оние кои ги затвориле заробениците –

„Господи, направи ги да умрат со страшна смрт“, стои во еден натпис.