Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека вториот мировен самит под раководство на Киев не треба да се третира како почеток на преговорите со Русија.
Андреј Јермак, во изјава за медиумскиот билтен „Европска правда“, рече дека целта на вториот самит ќе биде да се договори мировен план што заеднички ќе го одобрат учесниците, а потоа ќе и биде претставен на Русија.
– Можно е на вториот самит да присуствува и руски претставник на кого би можел да му се предаде тој план. Вториот самит не треба да се третира како почеток на преговори со Русија – рече тој.
Учесниците на мировниот самит што се одржа во јуни во Швајцарија без присуство на Русија се согласија да преземат чекори за одредени прашања, како што се безбедноста на храната, хуманитарните прашања, враќањето на затворениците и енергијата.
Зеленски изјави дека Украина сака да одржи втор самит оваа година со присуство на руски претставник.
Во интервју за „Европска правда“, Јермак рече дека мора да се решат и други прашања за кои е потешко да се постигне заеднички став, вклучително и повлекувањето на руските сили и обновувањето на постсоветските граници на земјата од 1991 година.
Тој рече дека Украина сака работите да се движат брзо, иако не е сигурно дека вториот собир би можел да се одржи годинава.
– Сакаме тоа да се случи, но има услови без кои не може да се одржи вториот самит – рече Јермак, зборувајќи за создавање заеднички мировен план, пренесува Ројтерс.