Сите возови во Франција од утрово сообраќаат нормално, по саботажата на железничката мрежа што се случи во петокот, неколку часа пред свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, изјави францускиот министер за транспорт Патрис Вергрие.
Тој рече дека „од 800.000 патници кои биле потенцијално погодени за време на викендот, 700.000 успеале да го завршат своето патување“, пренесува BFM TV.
Вчера во Франција завршија поправките на железничките пруги оштетени од пожарите што ги подметнаа во петокот, соопшти францускиот национален железнички оператор SNCF.
Стотици илјади луѓе останаа блокирани откако железничкиот сообраќај беше во прекин поради пожар на пругите неколку часа пред церемонијата на отворање на Летните олимписки игри во Париз, јави Танјуг.
Обвинителството во Париз отвори кривична истрага за подметнувањето пожар, надгледувано од обвинителството за организиран криминал.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави денеска дека екстремни левичарски екстремисти најверојатно стојат зад саботажата на француската железница во петокот.