Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов оцени дека самитот на НАТО во Вашингтон покажал дека земјите од Алијансата „неотповикливо тргнале на патот на конфронтација и материјална подготовка за војна“.
„САД и нивните сателити мобилизираат максимални ресурси за да ја зачуваат својата хегемонија, која пропаѓа“, изјави рускиот амбасадор, а пренесува РИА Новости.
Според Антонов, некои трезвени мисли искажани на самитот во корист на политичко и дипломатско решение на украинскиот конфликт биле „задушени“ од русофобната реторика.
Во завршната декларација усвоена на самитот во Вашингтон, кој се одржа од 9 до 11 јули, членките на НАТО го нарекоа влезот на Украина во НАТО неповратен и ја потврдија својата поддршка за Киев на патот на евроатлантските интеграции.
„Уште еднаш потврдуваме дека ќе можеме да ја поканиме Украина да влезе во Алијансата кога земјите-членки ќе се согласат и ќе ги исполнат условите“, се наведува во декларацијата.
Преку пропорционалните придонеси, земјите на НАТО имаат намера да обезбедат минимално основно финансирање од 40 милијарди евра во следната година и да обезбедат одржливо ниво на безбедносна помош за Украина, пренесува Танјуг.