Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар најави дека в четврток ќе го посети Киев за да потпише билатерален безбедносен договор со Украина.
Таа напомена дека станува збор за договор како оној што го потпишаа со Украина и други земји кои се подготвени да му помогнат на Киев, пренесува Танјуг повикувајќи се на агенцијата СТА.
„Се работи за преземање обврска дека ќе продолжиме да ѝ помагаме на Украина се додека тоа е неопходно. Украина ја брани целата структура на меѓународното право“, изјави Пирц Мусар за словенечкиот јавен сервис.
Пирц Мусар ќе ја посети Украина на покана на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претседателот на Словенија на неодамнешната мировна конференција за Украина во Швајцарија рече дека само Украина може да одлучи каков мировен договор е прифатлив за земјата.
Таа додаде дека е убедена дека конференцијата е дел од подолг процес, „чиј дел секако ќе стане и Русија“.
Долгорочна поддршка за Украина
Според весникот Дело, нацрт-договорот за безбедност го подготвиле министерствата за одбрана и за надворешни работи.
Бидејќи тоа не е обврзувачки меѓународен договор, туку само израз на политичка волја за долгорочна поддршка на Украина, владата треба само да го забележи тоа, што треба да се случи следната недела.
Вакви договори со Украина досега имаат склучено девет земји-членки на НАТО.
Владата на Словенија неодамна одлучи да одвои до пет милиони евра за хуманитарна и развојна помош и за обнова на Украина.
Испрати и неколку оклопни транспортери, борбени возила и друго оружје во Украина, а се приклучи на иницијативата на Чешка за заедничка набавка на гранати со голем калибар.