Русија силно им препорачува на своите граѓани да не патуваат во регионот на Блискиот Исток, особено во Израел, Либан и палестинските територии, освен во случаи на екстремна потреба, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Напнатата ситуација во регионот на Блискиот Исток се уште е нестабилна, изјави денеска Захарова, пренесува РИА Новости.
Што се однесува до Јордан, таа посочи дека „безбедносната ситуација таму се уште е стабилна“.
„Прелевањето на воените дејствија од Појасот Газа на територијата на Јордан во овој момент изгледа неверојатно“, додаде портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.
Палестински Хамас го нападна Израел на 7 октомври, по што милитантите влегоа во пограничните области и убија 1.200 луѓе, а зедоа повеќе од 200 заложници.
Како одговор, израелските одбранбени сили започнаа операција против Хамас во Појасот Газа, а бројот на загинати од израелските напади надмина 33.000, а речиси 76.000 луѓе се повредени, според палестинските власти.
Исто така, односите меѓу Израел и Иран станаа позаострени по избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас, по што јеменските Хути и либанскиот Хезболах, сојузници на Иран, почнаа да вршат воздушни напади на територијата на Израел.
Во нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој Техеран го обвинува Израел, загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружувале. , пренесува Танјуг.
Израел тврди дека не стои зад нападот, додека највисоките функционери во Техеран се заканија со одмазда.