Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли рече дека земјата ќе ја спроведе необврзувачката резолуција донесена од канадските пратеници со која се повикува на прекин на „понатамошниот извоз на оружје за Израел“.
Во интервју за порталот „Торонто Стар“, Џоли рече дека тоа ќе обезбеди усогласеност со канадскиот режим за извоз на оружје и ќе ги зголеми напорите да се запре илегалната трговија со оружје, во која е вклучен и Хамас.
Канадскиот парламент објави дека оваа одлука е донесена како дел од поддршката на официјална Отава за прекинот на огнот во Газа, ослободувањето на затворениците, решението за две држави и поддршката за одлуките на Меѓународниот суд на правдата во случајот за геноцид поднесен од Јужна Африка против Израел, пренесува Ал Џезира.
Реагирајќи на ваквата одлука на канадските пратеници, израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, на својот X профил објави дека „овој потег го поткопува правото на Израел на самоодбрана“.
„Историјата строго ќе суди за оваа одлука на Канада. Израел ќе продолжи да се бори додека Хамас не биде уништен и сите заложници не се вратат дома“, се вели во изјавата на израелскиот министер за надворешни работи.