Музеј Куманово доби понуда за соработка со Универзитетот Флорида

Сподели со своите пријатели

Националната установа Музеј Куманово доби понуда за соработка со со реномираниот Флорида Универзитет од Мајами, САД.

Loading...

Станува збор за организирање на археолошки камп во регионот на Куманово, односно на локалитетот Градиште во Бислимска Клисура, во селото Пчиња.

– Понудата е резултат на соработката и интересот кој проф. Флорин Курта ги има остварено со нас, како и на неговите предзнаења на овој локалитет кој е специфичен и важен по многу работи. Понудата се состои во организирање на универзитетски археолошки камп од десетина студенти по археологија кои би се приклучиле на истражувањата на НУ Музеј Куманово во 2026 година, а се предлага и понатамошен развој на проектот преку вклучување на поголем број специјалисти од повеќе дисциплини во истражувањето, како и размена на студенти, доколку постои интерес кај нашите образовни институции, вели Дејан Ѓорѓиевски од НУ Музеј Куманово.

Моментално, како што појаснува тој, Универзитетот работи на овој принцип во Италија, каде што проектот завршува во 2025 година.

– Со тоа, нашиот заеднички проект ќе претставува втора поголема соработка на македонските институции со американски универзитет од осамостојувањето на Македонија (слично функционираше и истражувањето на Коњух со Гетисбург Колеџ и Музеј на Македонија), и веруваме дека овој метод на работа ќе се користи подолг временски период, додава Ѓорѓиевски.

Инаку, проф. Флорин Курта е еден од водечките истражувачи на раниот среден век, познат по книгата „Создавањето на Словените/ Making of the Slavs” издадена на Кембриџ, каде што ја преиспитува и негира т.н. Голема преселба на народите и сфаќањето на Словените како компактна етничка целина.

– Обединетата македонска дијаспора веќе е заинтересирана да се приклучи и да ја поддржи иницијативата преку повеќе програми кои има можност да ги спроведе како организација, независно од универзитетската програма, потенцира Ѓорѓиевски.

Како што додава тој, во најскоро време се очекува да излезат на терен и да продолжат со овогодинешните планирани ископувања на овој локалитет.

Loading...

– За жал, повторно ќе бидат во најмал обем, поради скромните средства од 2.500 евра кои Министерството за култура ги доделува втора година по ред, вели Ѓорѓиевски.

Никола Ивановски