„Се покажа дека граѓаните ја препознаваат различноста на ЗНАМ“, вели кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој денеска на прес конференција официјално соопшти дека ги собрал потребните 10.000 потписи со што станува кандидат за претседател на Македонија.
– Се покажа дека граѓаните ја препознаваат различноста на ЗНАМ и на мене како кандидат за Претседател на Македонија од оние што досега беа и се на политичката сцена во Македонија. Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија е партија која е регистрирана пред два месеца, а довербата којашто ја добивме од граѓаните со собрани над 10.000 потписи за само пет дена за нас не е еуфорија, туку тоа подразбира одговорност и обврска, изјави Димитриевски.
Тој им се заблагодари на граѓаните што се одважиле и собрале храброст да излезат на пунктовите на Државната Изборна комисија ширум Македонија за да му ја дадат поддршката.
– За мене поддршката од граѓаните претставува уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат. Таа е само уште една потврда дека граѓаните ја препознаваат нашата визија и мисија и се одважуваат да ја дадат својата поддршка. На барање на граѓаните, бидејќи интересот за давањето на поддршката е многу голем, списоците ќе останат во општинските канцеларии на ДИК, а потпишувањето да продолжи и во наредните денови, потенцираше Димитриевски.
Претседателот на државата, вели тој, треба да биде татко на нацијата, чувар на уставниот поредок, еднакво да се грижи за сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка и верска припадност.
– Претседателот треба да биде заштитник на основните придобивки на кои се темели македонската држава, а тоа се Илинден и АСНОМ. Сигурни сме дека ќе успееме, затоа што граѓаните се со нас. Продолжуваме понатаму, со уште посилна верба, со голем ентузијазам, до конечна победа, рече тој.
Запрашан каков е ставот на Движењето во однос на предлозите од партиите на Албанците Претседателот да се бира во Собранието, потенцирав дека Институцијата Претседетел на државата својата сила ја црпи всушност од непосредниот избор на граѓаните.
– Токму улогата којашто претходно ја споменав на претседателот да се грижи за уставноста, законитоста и дополнително за сите граѓани. Според мене ова е само еден обид, од многуте до сега, во предизборните еуфории коишто ги креираат моноетничките политички субјекти и за мене како кандидат, а и за политичката партија Движење ЗНАМ за Наша Македонија е апсолутно неприфатлив, потенцираше Димитриевски.
Никола Ивановски