Изложба на Лара Ташковска во Куманово

Сподели со своите пријатели

Современата македонска сликарка, уметницата Лара Ташковска на 22 февруари (четврток) со почеток во 19:00ч во Изложбениот салон на НУ Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, пред кумановската ликовна публика ќе се претстави со дваесетина дела – слики во техника масло, акрил и акварел.

Loading...

Ова е нејзина прва самостојна изложба по нејзиното враќање од САД, каде има добиено награда за нејзиното инспиративно сликарство во Санта Фе, Њу Мексико во 2015 година.

Лара Ташковска е трета генерација ликовни уметници. Таа е ќерка на академикот Васко Ташковски, а нејзиниот дедо Ристо Ристовски, во зрели години се посветува на  наивното сликарство.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Коледарите ги набраа бадниковите гранчиња (ВИДЕО)

Ташковска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Покрај сликарството таа е посветена и на педагошката работа.

Во нејзиното Атеље за цртање и сликање програмата ја следат, во различни групи, курсисти од сите генерации.

СИМБОЛИКАТА ВО СЛИКАРСТВОТО НА ЛАРА ТАШКОВСКА

Академик Васко Ташковски во предговорот за оваа изложба ќе каже за неа: Лара го избра потешкиот пат на кој се почитуваат традиционалните вредности и сликарските елементи како идејата, цртежот, содржината, композицијата и колоритот.

Нејзиното творештво тематски е разновидно, додека нејзиниот ракопис е карактеристичен, препознатлив. Стилски во некои дела нејзиното сликарство е блиско до симболизмот, до магичната и ведра фантастика.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  700 парчиња пиротехника пронајдени кај кумановец

Интимистичките елементи во сликите, како и рационалното движење на четката создаваат една целина. Така рационалното и чуствителното взаемно се дополнуваат, додека нејзиното сликарство во континуитет расте и се усовршува, прецизно водено од нејзиниот сигурен цртеж, од нејзината искусна, вешта рака.

Loading...

Работејќи на кристалите, Лара го кристализира нејзиниот ликовен израз во духот на симболистите. Нејзините маслени и акрилни слики се инспирирани од реалниот живот.

Во нејзините акварелни слики доминира вегетацијата, односно магијата на природата донесена со лирско расположение, видено и креирано преку нејзината авторска призма.

Карактеристично за нејзиниот ликовен израз е ведрата фантазија во сликањето на пејзажите, и таа тоа многу успешно го прави во сликите создадени во нејзиниот понов ликовен опус.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Дводневна предновогодишна забава во Куманово

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 06.03.2024 г.

Интегрално соопштение