Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги критикуваше Бајден и неговата администрација за одлуката да извршат воздушни напади врз јеменските Хути.
За време на предизборната кампања Трамп зборуваше за одлуката на САД да ги нападнат позициите на Хутите во Јемен.
„Значи, дозволете ми да го разберам ова. Ние фрламе бомби низ целиот Блиски Исток. Повторно. Таму го победив ИСИЛ, а нашиот секретар за одбрана, кој е исчезнат веќе пет дена, води војна од неговиот лаптоп во болничка соба“, рече Трамп.
Исто така, Трамп ги повтори критиките за администрацијата на Бајден поради неуспешното повлекување од Авганистан и мигрантската криза на јужната граница на САД.
Освен Трамп, одлуката на Бајден за нападите ја критикуваа и некои претставници на Демократската партија во американскиот Конгрес.
„Претседателот мора да дојде во Конгресот пред да започне напад против Хутите во Јемен и да не вовлече во друг блискоисточен конфликт. Тоа е член I од Уставот. Јас ќе се залагам за него без разлика дали има демократ или републиканец во Белата куќа“, истакна демократот од Калифорнија Ро Кана на Х.
Претставникот Марк Покан го изрази својот страв дека акциите на САД во Црвеното Море би можеле да создадат ризик САД да се вклучат во уште еден повеќедецениски конфликт.