Волонтери вработени во DRӒXLMAIER Куманово изминатиот викенд беа дел од акција за пошумување во регионот на кумановско Жегљане кадешто успешно беа засадени околу 1200 садници од видот црн бор.
Акцијата беше реализирана во соработка со ЈП “Национални шуми” подружница Куманово чиј стручен кадар овозможи техничка поддршка и соодветен алат за работа.
Со тимска сплотеност кон зачувување на природата
Акцијата за пошумување е еден од начините да се подобри квалитетот на живот за општо добро, со обнова на природните живеалишта и екосистемите. DRӒXLMAIER следејќи ја стратегијата за одржливост и заштита на животната средина продолжува во континуитет да спроведува волонтерски акции за пошумување во регионите кадешто делува со цел да даде свој придонес, но и поттик за подигнување на свеста за заштита и зачувување на животната средина.
Волонтерите од DRӒXLMAIER – пример за секој поединец
Грижата за околината е одговорност на сите нас. Со нашето одговорно однесување и делување придонесуваме за поздраво, почисто и поубаво место за живеење. „Драго ни е што и годинава заедно со нашите вработени имаме можност да учествуваме во акцијата за пошумување. Шумите се важен дел од глобалниот јаглероден циклус, а со тоа и од животната средина. Сакаме да бидеме добар пример и заедно да направиме разлика”, посочуваат од менаџментот на DRӒXLMAIER Македонија.
И од јавното претпријатие “Национални шуми” подружница Куманово го искажаа своето задоволство во однос на волонтерскиот пристап во акцијата за пошумување од страна на вработените во DRӒXLMAIER. „Задоволство ни е што DRӒXLMAIER заедно со своите вработени го задржува континуитетот на спроведување и учество во акциите за пошумување. Се радувам на секоја наша успешна соработка со заедничка цел за подобрување на околината во која живееме.” – рече Луан Бајрами, стручно лице од ЈП “Национални шуми” подружница Куманово.
Тимски со работа и дружба
Вработените во DRӒXLMAIER Куманово, водени од тимски дух и со голема мотивираност да придонесат за општото добро, среќни се што се дел од акцијата за пошумување. „Преку оваа акција за пошумување не само што даваме заеднички придонес за заштита на животната средина, туку имаме можност и меѓусебно да се дружиме” – рече Фросина Николиќ вработена во DRӒXLMAIER Куманово. Аница Стојковиќ, исто така вработена во DRӒXLMAIER, е горда што е дел општествено одговорна компанија кадешто една од најважните цели е инвестирањето во иднината преку обновување на природните ресурси.
DRӒXLMAIER Македонија заедно со своите вработени ќе продолжи и понатаму одговорно да делува преку иницирање и реализација на проекти за поддршка на заедницата од која е дел. Ова е втора акција за пошумување на компанијата во кумановскиот регион, а во повеќе акции од ваков вид не само во околината на Куманово, туку и во близина на Кавадарци, Прилеп и Неготино засадени се околу 11.000 садници.
Интегрално соопштение