Националната служба за геологија и рударство на Чиле, Сернагеомин денеска го подигна нивото на тревога за вулканот Виларика од жолто во портокалово.
Радикалната мерка е донесена поради зголемувањето на вулканската активност и сеизмичноста во областа на масивот, што претставува ризик за заедницата и подразбира евакуација на луѓето, се наведува во соопштението на Сернагеомин, пренесува „Ла Хора“.
Периметарот на евакуација ќе се прошири од 500 метри на осум километри и ќе се нареди евакуација на 25 семејства во опасност, се додава.
Еден од најактивните вулкани во Јужна Америка, Виларика има отворен кратер широк 200 метри и последен пат еруптираше во 2015 година, што предизвика масовна евакуација, но на крајот немаше повредени.
Портокаловото предупредување значи дека постои поголема веројатност за ерупција во наредните денови или недели.