Израел им дозволи на доселениците да изградат 5.700 станбени единици на Западниот Брег

Сподели со своите пријатели

Националистичко-религиозната влада на Израел вчера одобри изградба на околу 5.700 дополнителни станбени единици за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег, и покрај притисокот на САД да го запре проширувањето на населбите кои Вашингтон ги гледа како пречка за мирот со Палестинците.

Loading...

Плановите за изградба на станбени единици во различни области на Западниот Брег беа одобрени од израелскиот Врховен совет за планирање.

Повеќето земји во светот сметаат дека се нелегални населбите изградени на земјиште што Израел го доби во војната на Блискиот Исток во 1967 година.

Нивното присуство е едно од основните прашања во израелско-палестинскиот конфликт.

Палестинците се обидуваат да основаат независна држава на Западниот Брег и Појасот Газа со главен град источен Ерусалим. Мировните преговори со посредство на САД се замрзнати од 2014 година.

САД: Длабоко сме вознемирени од одлуката

САД се „длабоко вознемирени“ од одлуката, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, додавајќи дека американските власти јавно и приватно му кажале на Израел дека се противат на потезите кои промовираат населби.

„Проширувањето на населбите ја поткопува географската одржливост на решението за две држави, ги зголемува тензиите и дополнително ја нарушува довербата меѓу двете страни“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на САД.

Откако ја презеде функцијата во јануари, коалицијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху одобри изградба на повеќе од 7.000 нови станбени единици, повеќето длабоко на Западниот Брег.

Loading...

Во изминатите неколку недели, дивеењето на израелските доселеници во палестинските градови и села на Западниот Брег предизвикаа меѓународна осуда и загриженост од Белата куќа.