Според една студија, потрошувачите во Германија сметаат дека инфлацијата е три пати повисока од официјално утврдената.
Зошто е тоа така?
Според студијата на осигурителната компанија Алијанц Трејд, стапката на инфлација што ја гледаат луѓето во Германија била 18 отсто во мај – речиси три пати повисока од официјално објавените 6,1 отсто.
Општо земено, луѓето имаат тенденција да ја чувствуваат инфлацијата во секојдневниот живот како повисока од измерената вредност, се вели во анализата, која ја пренесува Дојче веле.
Но, сегашната динамика на инфлација уште повеќе ја зголеми таа разлика.
„Голем јаз помеѓу перципираната и фактичката инфлација постои особено во Германија“, вели Јасмин Грошл од Алијанц Трејд.
Во еврозоната како целина, тие две вредности се разликуваат за околу девет проценти, а во Германија за околу единаесет.
„Значи, таа разлика игра важна улога за економијата и претприемачите, како и за каматната политика“, вели Грошл.
Секојдневните набавки ја обликуваат перцепцијата
Експертите ги истражуваа и причините за ваквата голема разлика, која е поврзана со составот на потрошувачката кошничка и со вистинското однесување на потрошувачите.
Следствено, потрошувачите посветуваат поголемо внимание на промените во цените на производите што често ги купуваат, како што се храна и пијалaци, гориво или други потреби за секојдневниот живот.
„Ако тие цени во продавниците растат над просекот, луѓето имаат тенденција да чувствуваат дека инфлацијата е многу повисока“, објаснуваат експертите.
Во мај цените на храната во Германија се зголемени за 14,9 отсто во однос на претходната година. Тие цени сега имаат убедливо најголемо влијание врз општите зголемувања на цените, според Федералното биро за статистика.
Психолошки аспекти
Сепак, психолошките аспекти, демографските и регионалните разлики, како и индивидуалното однесување на потрошувачите може да доведат до тоа потрошувачите да чувствуваат зголемување на цените поинаку од официјално измерените вредности.
Како што забележуваат експертите на Алијанц Трејд, според нивната перцепција, луѓето се фокусираат на зголемувањето на цените кои се особено важни за нив.
За разлика од нив, обично не се забележуваат стабилни или опаѓачки цени на другите производи и услуги.
Ова создава искривена слика и голема неусогласеност помеѓу согледуваната и фактичката инфлација.
Покрај тоа, стапките на инфлација може да се разликуваат по регион или град.
Но, официјалните мерења се засноваат на национални или регионални просеци, кои можеби не ја одразуваат точно ситуацијата на теренот, истакнуваат авторите на студијата.
Стапките на инфлација во ЕУ значително се разликуваат
Официјалните стапки на инфлација често значително се разликуваат во рамките на Европската унија.
Во мај тие се движеа од 2,8 отсто во Грција до 21,5 отсто во Унгарија. Во соседна Австрија инфлацијата беше 8,8 отсто, што е повисока отколку во Германија (6,1 отсто) и Швајцарија (2,2 отсто).
„Клучните фактори на инфлацијата се географската близина со Русија и зависноста од увозот на енергија и храна, државната интервенција во формирањето на цените и силата на националната валута“, објаснува Грошл.
Во Германија се видливи сите оние фактори кои влијаат на стапката на инфлација: големата зависност од увозот од Русија предизвика нагло зголемување на цената на енергетските производи.
Федералната влада одговори со ограничување на цената на струјата и гасот.
Во еврозоната како целина слабото евро ја зголеми инфлацијата, бидејќи стоките со кои се тргува во долари, како нафтата и гасот, поскапеа.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.