Насилни судири избувнаа денеска во палестинскиот град Рамала на Западниот Брег додека израелската армија уништила стан на палестински затвореник, а неколку лица се повредени.
Три лица се повредени во пукотницата рано утринава, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Еден фоторепортер е ранет од куршум во главата, јави палестинската новинска агенција ВАФА.
Израелска армија: Го уништивме домот на затворениот атентатор
Израелската армија на Твитер објави дека безбедносните сили го уништиле домот на затворениот атентатор одговорен за бомбашките напади во Ерусалим во кои загинаа две лица, а десетици други беа ранети во ноември.
За време на операцијата избувнаа немири, а војниците користеа боева муниција во судирите со жителите на градот на Западниот Брег.
Станот се наоѓа на прв кат во четирикатница.
Врховниот суд во Ерусалим го одби барањето да се запре уништувањето.
Уништување домови како мерка на казна
Израел го користи уништувањето на домовите како казнена и застрашувачка мерка.
Организациите за човекови права сметаат дека тоа е колективна казна и кршење на меѓународното хуманитарно право.
Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии одамна е крајно напната.
На Западниот Брег постојано има судири меѓу Палестинците и израелската армија.
Армијата спроведува повеќе рации во областа откако започна серијата напади врз Израелците пред повеќе од една година.
Многу луѓе загинаа во конфликтите
Повеќе од 100 Палестинци загинаа од почетокот на оваа година во операции на израелската армија, судири или свои напади.
Исто така, во истиот период во напади загинаа 18 Израелци, Украинец и Италијанец.
Израел ги освои Западниот Брег и Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година.
Палестинците ги бараат овие области за да основаат своја држава.