Кина ѝ се извини на Костарика за инцидентот со балонот

Сподели со своите пријатели

Министерството за надворешни работи на Костарика денеска соопшти дека Пекинг признал дека еден од кинеските балони прелетал над Костарика и дека кинеската амбасада во Сан Хозе се извинила за овој инцидент.

Loading...

Амбасадата, како што се наведува, „инсистирала дека балонот се користел за научни цели, пред се за следење на времето“, и дека балонот скршнал од предвидениот пат, пренесува Ројтерс.

Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Костарика на 5 февруари објави дека локалните власти добиле информации за балон кој прелетал над земјата на 2 февруари.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина на вчерашната конференција во Пекинг изјави дека балонот, кој бил набљудуван над Латинска Америка, бил користен за цивилни цели.

Кинескиот балон, кој пред неколку дена прелета над Северна Америка, предизвика триење меѓу Вашингтон и Пекинг.

На 4 февруари, во 19:39 часот по средноевропско време, американскиот борбен авион Ф-22 Раптор собори кинески балон, а Вашингтон се сомнева дека се работи за шпионски балон од Пекинг.

Од друга страна, Кина тврди дека се работи за метеоролошки балон и ги критикуваше САД дека го собориле, нарекувајќи го потегот „очигледна претерана реакција што сериозно го нарушува духот на меѓународното право“.