Австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска во Тирана истакна дека партнерството со Западен Балкан е стратешки важно не само за Австрија, туку и за целата ЕУ.
– Добро е што Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува за прв пат во земја од регионот. Со тоа испраќаме видлива порака дека нашето зближување е важно, рече тој.
Запрашан за Акцискиот план на ЕУ против миграцијата во Западен Балкан, тој рече дека тоа е првиот важен чекор во борбата против илегалната миграција.
Сепак, тој посочи дека мигрантскиот бран не постои само преку балканската рута, туку и преку Бугарија и Романија.
– Австрија има свои барања, а тоа се обезбедување на надворешните граници на ЕУ, за решавање на прашањето за протерување на илегалните мигранти. Има уште многу теми за разговор, рече тој.
Нехамер истакна дека Австрија во моментов не дава согласност за продолжување на Шенген кон Романија и Бугарија и дека е потребно повеќе време.
– Имаме 75.000 нерегистрирани мигранти во Австрија, а тие влегле преку земја од ЕУ. Прво треба да ги решиме овие прашања. Ако од 100.000 откриени мигранти, 75.000 не се регистрирани, тоа е проблем, посочи тој.
Нехамер рече дека не се работи само за безбедноста на Австрија, туку и на ЕУ.
Запрашан за Србија, Нехамер потсети на неговата посета на Белград и на иницијативата со Унгарија.
Имаме посебен договор со Србија. Србија ја откажа визната либерализација за некои земји. Откажувањето за Тунижаните веќе функционира, а ќе биде откажано и за Индијците на крајот на годината, нагласи тој.
Тој изрази надеж дека Европската комисија повеќе ќе се вклучи во борбата против илегалната миграција.