Заменик-началникот на кабинетот на претседателот на Украина Кирил Тимошенко денеска соопшти дека Киев не размислува за евакуација на градовите по рускиот напад врз енергетската инфраструктура на земјата, кој остави милиони луѓе без струја.
Во изјава за украинската телевизија, тој рече дека службениците и вработените во електроенергетската индустрија на Украина се фокусирани на стабилизирање на електричната мрежа на земјата, пренесува Ројтерс.
Украинската компанија за дистрибуција на електрична енергија Укренерго најави дека денеска ќе спроведе рестрикции за електрична енергија во многу делови од земјата по најголемиот руски напад врз енергетската инфраструктура од почетокот на војната.
Укренерго соопшти дека ќе има и ненајавени прекини поради вонредни работи.
Вчера Русија истрела над 90 проектили кон Украина, соопшти украинскиот Генералштаб, потсетува британската агенција.