Украинските сили зазедоа повеќе од 40 области околу градот Херсон додека руските сили се повлекуваат, изјави доцна синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Украинските знамиња вратени на нивното вистинско место како дел од одбранбената операција веќе се бројат во десетици“, рече тој во својата редовна вечерна видео порака.
Тој предупреди дека руските сили оставиле зад себе „илјадници неексплодирани бомби и муниција“.
Околу 170.000 квадратни километри земја е покриена со мини, рече тој.
Синоќа имаше индиции дека украинските сили се приближуваат до градот Херсон, пристаниште на устието на реката Днепар, изјави украински воен аналитичар и медиумски коментатор, а пренесува агенцијата Ројтерс.
Министерот за одбрана: Ќе им треба една недела да се повлечат
Ќе и треба најмалку една недела Русија да се повлече од градот Херсон, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников во интервју за Ројтерс.
Русија сè уште има 40.000 војници во регионот и разузнавачките информации покажуваат дека нејзините сили остануваат во и околу градот, рече Резников.
Русија во средата објави дека ќе се повлече од западниот брег на реките Днепар во близина на Херсон, единствениот регионален главен град што Москва го зазеде од инвазијата на Украина во февруари.
Повлекувањето би било трет пат кога украинската армија ги потиснува Русите, кои беа спречени да го заземат главниот град Киев во март на север.
Во септември Путин изјави дека Херсон е дел од Русија
Потоа, во септември, украинските сили ги протераа руските окупациски сили од североисточниот регион Харков.
Покраината Херсон е еден од четирите украински региони анектирани од рускиот претседател Владимир Путин на крајот на септември, што повеќето земји го осудија.
Американскиот претседател Џо Бајден во средата ја поздрави веста за повлекувањето на Русија, но вчера ги омаловажи очекувањата за непосредна разрешница на војната.
„Мислам дека конфликтот нема да биде решен додека Путин не ја напушти Украина“, изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа.
Херсон во домет на украинската артилерија
Градот Херсон е во домет на украинската артилерија, а најблиските украински извидувачки патроли се на помалку од 18 километри од градот, изјави украинскиот воен аналитичар Јуриј Бутусов на апликацијата за пораки Телеграм.
„Украинските сили се обидуваат да упаднат во Херсон следејќи го непријателот што се повлекува“, рече тој.
„Пожарите избувнуваат во реонот на речните премини, каде се концентрирани руските сили.“
Ројтерс не беше во можност да ги потврди извештаите од бојното поле.
Русите оставаат мини зад себе
Генералштабот на Украина соопшти, без да соопшти детали, дека продолжуваат офанзивните дејствија во правец на Херсон.
Воени експерти и пиротехничари влегоа во областите испразнети од руските сили за да ги исчистат од илјадниците неексплодирани нагазни мини и муниција оставени зад себе.
Гувернерот на регионот, Јарослав Јанушевиќ, кој беше назначен од Украина, на Телеграм изјави дека руските сили „отуѓиле државен имот, оштетиле далноводи и сакале да остават стапици зад себе“.
Михајло Подољак, советник на Зеленски, рече дека Русија сака да го претвори Херсон во „град на смртта“, ископувајќи сè, од станови до канализации и планирајќи да го гранатира градот од другата страна на реката.
Нема знаци за крај на војната
Повлекувањето од Херсон ќе ги ослободи силите од двете страни да се борат на друго место, велат воените аналитичари, а нема знаци дека Москва завршила со, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ против својот прозападен сосед.
„Ова е дефинитивно пресвртница, но не значи дека Русија изгубила или дека Украина победила“, рече Бен Бери, виш соработник за копнена војна во Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон. Русија се уште е способна за нови офанзиви или контранапади, рече тој и додаде: „Рано е да ги отпишеме“.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.