Поддршката на Турција за Украина за време на конфликтот ги намали „некои од ефектите од бруталната војна“, изјави во четвртокот шефот на НАТО Јенс Столтенберг, пофалувајќи ги напорите на Анкара, пренесува Анадолија.
– Сакам да и се заблагодарам на Турција за сета поддршка на Украина. Најсовремените дронови и бродови произведени во Турција помагаат да се одржи правото на Украина на самоодбрана – изјави генералниот секретар Столтенберг на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Истанбул.
– Турција е високо ценет сојузник на НАТО и дава важен придонес за нашата заедничка безбедност. Вие играте голема улога во борбата против тероризмот, вклучително и нашата мисија во Ирак – рече Столтенберг.
Столтенберг ги поздрави напорите на Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган „да преговараат за безбеден премин за украинското жито низ Црното Море и да ја олеснат глобалната криза со храна“, велејќи дека спроведувањето на договорот за жито ја покажа „важната улога“ што Турција ја игра во конфликт во Украина.
– Дипломатските напори на Анкара го поддржуваат и овозможуваат договорот за жито – рече Столтенберг, а размената на затвореници е „исклучително важна“ за намалување на „некои ефекти од бруталната војна што се случува во Украина“.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во четвртокот изјави дека неговата земја ќе продолжи со напорите да обезбеди непречено снабдување со жито од Украина.
– За 20 дена мора да се обнови овој договор. Тоа беше договор на четири месеци. Ќе продолжиме со нашите напори под раководство на нашиот претседател да обезбедиме тоа да продолжи континуирано – рече Чавушоглу по средбата со Столтенберг.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека знаат како секое намалување на испораката на жито ќе влијае на најнеразвиените земји и дека при минатонеделната посета на три африкански земји забележале колку овие земји се загрижени поради прекинот.
Одговарајќи на прашањето за членството на Финска и Шведска во НАТО, Чавушоглу потсети дека Трипартитниот меморандум го потпишаа Турција, Финска и Шведска на самитот на НАТО во Мадрид на 28 јуни и дека меморандумот ги вклучува чекорите што треба да ги преземат Финска и Шведска за полноправно членство во НАТО.
Според Чавушоглу, некои чекори се преземени во овој поглед.
– Како што рече генералниот секретар, шведското укинување на ембаргото за оружје за Турција е важен чекор, па дури позитивно ги оценија апликациите на една или две наши компании. Од друга страна и тие требаше да го менуваат законот. Сепак, не може да се каже дека овие две земји целосно ги имплементираа сите елементи на овој меморандум – рече Чавушоглу, додавајќи:
– Нашата аспирација не е да му наштетиме на НАТО или да го спречиме ширењето на НАТО. Турција е една од земјите што досега даваше најсилна поддршка за проширувањето на НАТО.
Тој изјави дека нивната цел е Финска и Шведска да преземат „важни чекори во борбата против тероризмот“.