Три бронзени медали освоија гимнастичарите на клубот „Атлета“ од Куманово на Државното првенство во Битола во поединечна конкуренција.
На првенството клубот учествуваше со 19 натпреварувачи, од кои 9 во машка и 10 во женска конкуренција.
Во силна конкуренција на преку 150 натпреварувачи од целата држава кумановските гимнастичари освоија три бронзени медали во поединечна конкуренција.
Освоивме прво место во екипна конкуренција машки (помлади јуниори) и два бронзени медали во поединечна конкуренција, изјави тренерот на клубот Филип Миленковски.
Во машка „А” програма до 9 години, Милош Јовановиќ освои трето место во категорија помлади јуниори, а во „Б“ програма јуниори Бојан Ефремовски исто така се избори за 3 место.
Во женската „А” програма Вања Денковска освои 3 место во категорија јуниорки во поединечна конкуренција.
– Во екипна конкуренција, освоивме прво место во категорија јуниорки и трето место во категорија помлади пионерки“, изјави тренерот Никола Златановски.
Натпреварите беа во „А“ програма во машка и женска категорија и во “Б“ програма во машка категорија.
– После 26 години Гимнастиката во Куманово се враќа на она место каде што припаѓа. Се надеваме дека Општината ќе ни излезе во пресрет бидејќи на Куманово му е потребна Гимнастичка сала, од причина што градот има голем број на гимнастичари кои сакаат да се занимаваат со овој спорт, вели тренерот Миленковски.
Никола Ивановски