Трета недела по ред градот Куманово беше домаќин на уште еден тениски турнир во младинските категории.
Во саботата и неделата се одржа Отвореното првенство на Македонија за јуниори и јуниорки до 14 години кое беше во организација на ТК ТУМБА и тениската федерација на Македонија.
Турнирот изобилуваше со извонредни мечеви кои поминаа во фер и коректна атмосфера на тениските терени покрај Спортската Сала во Куманово.
Во машка конкуренција триумфираше Матеј Попов од Т.К МТП од Скопје кој во финалето беше подобар од неговиот клубски колега Грегор Стојнев со 2-0 во сетови.
Кај девојчињата исто така беше интересно до самиот крај ,каде турнирот го освои Ива Кецкарова од ТК Охрид која во финалниот меч беше подобра од Миа Спировска од Т.К Југ со 2-1 во сетови .
Одлични настапи на овој турнир имаа и нашите членови Алексеј Стојановски, Анастасија Арсовска и Елена Божиновска.
ТК ТУМБА од Куманово уште еднаш упатува јавна благодарност до своите натпреварувачи и членови за нивниот голем придонес во остварување на одличните резултати и афирмација на нашиот клуб.