„Секој куршум има мета! Слави со срце не со оружје“ – кампања на МВР и УНДП

Сподели со своите пријатели

„Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ е слоганот на новата кампања за подигнување на јавната свест за опасностите што произлегуваат од носењето и злоупотребата на мало и лесно оружје. Активноста ја спроведува Министерството за внатрешни работи во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Loading...

Главната цел на кампањата е да предупреди за последиците од неовластеното користење мало и лесно оружје, особено за време на веселби, како и да се намали бројот на инциденти поврзани со пукање. Пораката која се испраќа до граѓаните е дека и залутаниот куршум мора да заврши некаде и има ризик да загрози нечиј живот.

„Борбата против недозволената трговија со оружје е стратешки приоритет на МВР. Како резултат на плански интензивираните активности во оваа област, минатата година беа постигнати особено значајни резултати, како со зголемениот број откриени кривични дела, така и со зголемување на вкупните количини заплени на оружје, муниција и распрскувачки материи. Паралелно на ова, активно се работи и на подигнување на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје. Имено, партнерското учество во оваа кампања заедно со УНДП уште еднаш ја покажува нашата решеност покрај репресивното делување, да продолжиме во континуитет да работиме и во делот на превенцијата, во непосредна комуникација со граѓаните, пред сѐ во локалните заедници“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мицкоски: Арачиново и Липково ќе добијат функционални градинки

Тој потенцираше дека во текот на минатата година, заклучно со крајот на септември, полицијата евидентираше 14 случаи на злоупотреба на оружје при веселби и прослави и сите тие се кривично-правно завршени.

Новата кампања во исто време ќе се спроведува во Северна Македонија и во Косово во рамки на проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“. Преку различни активности и настани ќе се поттикнуваат граѓаните да пријавуваат неовластено пукање, но и ќе се работи на зајакнување на соработката меѓу институциите, особено во пограничните регион, со цел ефикасна борба против нелегалната трговија со оружје.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мицкоски: Или сите да работат во недела со двојна или тројна дневница или никој

„Ќе успееме да го намалиме бројот на инциденти предизвикани од огнено оружје само ако сите заедно работиме на остварување на оваа цел. Граѓаните мора да бидат свесни дека тие се клучните актери во оваа приказна и дека треба да слават „со срце, а не со оружје“ односно да не посегнуваат по оружјето за време на веселбите. Како што вели слоганот на кампањата „секој куршум има мета“, а дури и оние испукани за време на весели моменти, без намера да повредат некого, може да одземат човечки живот. Токму затоа, УНДП е посветена на градењето безбедни заедници преку зголемување на свеста на граѓаните и континуирана соработка со МВР и другите национални партнери“ рече Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мицкоски: Или сите да работат во недела со двојна или тројна дневница или никој

На денешниот настан беше прикажана и изложбата насловена „Што ако…?“ на која беа претставени наслови од медиумски објави за инциденти предизвикани од залутани куршуми. Идејата на изложбата е да се запрашаме колку лесно ги одминуваме овие вести, без притоа да се запрашаме „Што ако беше погоден човек?“. Целта е да се промени оваа перцепција и да се поттикне пријавување и осуда на секое неовластено пукање.

Кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ е финансирана од владите на СР Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а e поддржана од Европската Унија.

Loading...