Давид Стојановиќ е 17-годишно момче и единствениот кумановец кој го носи националниот дрес на Македонија во фудбал до 17 години.
Веќе една децнија се занимава со овој спорт и успешно чекор по чекор испишува нови резултати во кариерата.
Во досегашната негова кариера има настапувано во неколку клубови, а каде тренира сега и како стигнал до таму прочитајте во интервјуто кое го напривме со него.
KM: Кога прв пат почна да се занимаваш со фудбал и каде ја започна твојата кариера?
Давид: Желбата за фудбалот ја имав од мали нозе, прв пат почнав да тренирам кога имав шест години, сакав да станам голман, мојата кариера за започнав во Куманово поточно во ФК Речица.
КМ: Од каде желба да станеш фудбалер, дали од некој твоj идол или пак од нешто друго?
Давид: Желбата за фудбалот ми е од моето место каде што живеам, бидејќи таму сите деца се занимаваат со фудбал, а желбата да станам голман ми е од мојот братучед кој професионално се занимава со фудбал, но секако и од мојот идол голманот на Манчестер Јунајтед, Давид Де Хеа.
КМ: Како се одвиваше твојата кариера, бидејќи со фудбал се занимаваш 10 години?
Давид: Додека да стигнам до оваа место каде што сум денес, мојата кариера беше малку напорна, како што реков прво почнав да тренирам во ФК Речица, потоа настапував за ФК Куманово Евроспорт, таму постигнав многу успеси и награди, и ме повикаа да настапувам за ФК Куманово, тој клуб ќе го сметам како мојот дом бидејќи од таму отидов во најдобрата академија во Македонија каде што бев избран меѓу тритте најдобри голмани во мојата генерација. Сега моментално настапувам за ФК Македонија Ѓорче Петров и се надевам дека од тука ќе ми започне таа вистинската кариера што ја сакам.
КМ: Ни рече дека имаш посетувано и академија за фудбал, за која академија станува збор?
Давид: Имам настапувано за академија на Фудбалска Федерација на Македонија (2005 генерација), академијата беше формирана од 30 најдобри играчи во Македонија, академијата е отскочна даска за да настапуваш за нашата репрезентација, и јас ја искористив.
КМ: Сега настапуваш за ФК Македонија ЃП, дали играш за првиот тим или пак за подмладокот на клубот?
Давид: Јас на првиот тим на ФК Македонија ЃП им се приклучив пред неполни шест месеци и моментално сум трет голман, и чест ми е што на мои години настапувам за сениорскиот тим на клубот, се надевам дека за брзо време ќе застанам помеѓу стативите и ќе бидам првиот голман. Но, во истиот тим настапувам и со друг тим односно сум прв голман на тимот од генерација 2003.
KM: Настапуваш и на нашата репрезентација, може ли да ни кажеш нешто за успехот на тоа поле?
Давид: Јас за нашата репрезентација почнав да настапувам за тимот на У15 па се до сега каде сум во У17, чест и задоволсто е да се носи дресот на нашата држава, посакувам и се борам еден ден да бранам и за првиот тим на нашата репрезентација. Желба ми е со моите соиграчи од репрезентацијата да се пласираме на сите големи натпреварувања како што се Светското и Европското првенство.
КМ: Кој е твојот најголем успех со нашата репрезентација?
Давид: Мојот најголем успех со репрезентацијата на Македонија ми е што бевме дел од калификациите за Европско првенство до 17 години, и многу ми е жал што не успеавме да се пласираме за мундијалот за еден гол, каде што завршивме трети во групата. Но, исто така голем успех е да се одигра нерешено против репрезантацијата на Полска.
КМ: Колку вкупно настапи имаш одиграно за репрезентација на Македонија?
Давид: За националниот тим на Македонија имам одиграно околу 30 настапи и секој настап го играм го посебна љубов и задоволство.
КМ: Каде и против кого е следниот настап со нашата репрезентација ?
Давид :Следиот настап што ќе го играме ќе ни биде во Република Турција поточно во Анталија, и тоа ќе биде против репрезентацијата на Словачка.
КМ: Дали во нашата репрезентација до 17 години, ти си единствениот од Куманово или има и други наши сограѓани?
Давид: Моментално во репрезентацијата на Македонија до 17 години само јас сум од Куманово, и ми е голема чест и задоволсто пред се, што во најдобро светло и го големи успеси до претставувам нашиот град.
КМ: И за крај, што би сакал да ти биде следниот чекор во твојата фудбалска кариера?
Давид: Сите имаме големи желби за нашата иднина, задоволен сум што имам постигнато до сега, но желбата и мојата следна цел што ја имам поставено е да настапувам за клубот за кој што навивам од мал, а тоа е ФК Партизан.
Стефан Младеновски