Показна вежба за граѓаните на Куманово по повод Денот на независноста денеска имаа претставници на повеќе институции кои се грижат за мирот и безбедноста во градот.
Во организација на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово, вежбата денеска ја реализираа полицијата, Итната медицинска помош, Територијалната противпожарна единица Куманово и Општинската организација на Црвениот крст.
Како што појасни Виолета Богдановска, началник на Отсекот за превенција, манифестацијата се одржува по седми пат и како идеја е дојдена во соработка со Локалниот совет за превенција и Советот на Општина Куманово.
Целта, вели Богдановска е да се претстават институциите пред младите за да се изгради доверба дека секогаш кога ќе имаат потреба можат да им се обратат и да најдат помош.
– Со текот на годините се вклучуваа и други во реализација на овој проект, стана помасовна и секоја година има своја порака, оваа година пораката е за 30 години независност и безбедно детство во државата да продолжи градење на држава која ќе го гарантира мирот и безбедноста на сите, пред се на младите и пораката до младите е дека сите треба да дадеме свој допринос како и безбедноста и се друго зависи од сите нас, не само од институциите, туку и од граѓаните, а младите се иднината на нашата држава и иднината на светот, изјави Богдановска.
На настанот свое обраќање имаше претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска која рече дека Македонија и Куманово низ историјата имаа подеми и падови, но во овие триесет години со силите за безбедност и мир се гради заедно независно, слободно и мултиетничко Куманово.
– Овдека гледаме мини смотра на дел од опремат ана институциите кои се грижат за редот, мирот и безбедноста, дел од промотивниот материјал, а членовите на Советот на Општина Куманово, вработените во општината и институциите се дел од многу акции со кои се промовира и безбедноста и се потикнува свеста на граѓаните за одговорноста за заштита и безбедноста на сите сограѓани, а особено на најмалите, рече Мургашанска во своето обраќње.
Оваа година во настанот се вклучува и Општинскиот совет за превенција од детско претстапништво кој е формиран од страна на Советот на Општина Куманово во 2019 година и брои 28 членови од различни институции.
Никола Ивановски