Кумановци од денеска можат електронски да ги плаќаат сметките за потрошена вода, информираат надлежните од јавното претпријатие „Водовод“.
За почеток опцијата ќе можат да ја користат само физичките лица, а во моментов се работи и на можноста и правните субјекти да ги плаќаат сметките со дебитна или кредитна картичка без провизија.
–Процедурата е многу едноставна. На веб страницата e-naplata.vodovod-kumanovo.com.mk за регистрација на корисник е потребно да се внесе валидна електронска адреса, лозинка, кориснички број (шифра) на корисник и име и презиме на корисник. За секое следно најавување потребно е да се внесат единствено валидна е-mail адреса и лозинка. По извршеното плаќање корисникот добива на својата електронска адреса потврда за извршено успешно плаќање со сите детални информации за платени сметки, вкупен наплатен износ и трансакциски број – информира Оливер Стојмановски, шеф на наплата од „Водовод“.
Од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека останува можноста да се плати сметка и на традиционален начин . Ова претпријатие има наду 28.000 корисници.
МИА