33 американски држави ја тужеа Мета: „Инстаграм го загрозува менталното здравје на младите“

Сподели со своите пријатели

Група од 33 американски држави, вклучително Калифорнија и Њујорк, поднесоа тужба против Мета за наводно оштетување на менталното здравје на младите луѓе и свесно дизајнирање функции на Инстаграм и Фејсбук кои ги прават децата зависни од тие социјални мрежи.

Loading...

Во тужбата поднесена до судот во Калифорнија се додава дека Мета рутински собира податоци за деца под 13-годишна возраст без согласност на нивните родители, што е кршење на федералниот закон, пренесува АП.

„Децата и тинејџерите страдаат од лошо ментално здравје, а виновни се компаниите за социјални мрежи како Мета“, рече њујоршката обвинителка Летиша Џејмс.

Таа додаде дека компанијата профитирала од детската болка – „намерно дизајнирајќи ги своите платформи со манипулативни карактеристики што ги прават децата зависни од нив, а притоа ја намалуваат нивната самодоверба“.

Истражувањето на Истражувачкиот центар Пју покажа дека околу 95 отсто од младите на возраст од 13 до 17 години во САД користат социјални медиуми, а повеќе од една третина од нив изјавиле дека ги користат „речиси постојано“.